In Albanian In Bulgarian In English In Romanian In Serbian
На 10 октомври германската компанија Линднер ја најави својата најнова голема инвестиција во Бугарија за време на официјален настан во „Резиденшал Парк Лозен". Ова го дозна BalkanEngineer.com од БТА. За оваа инвестиција компанијата ќе добие Сертификат за инвестиција Класа А, кој е потврден од Германско-бугарската индустриска и трговска комора (ГБИТК).
Меѓу гостите на настанот беа Милена Стојчева, министер за иновации и економски раст, Н.Е. Ирене Марија Планк, амбасадор на Германија во Бугарија, Николај Ѓуров, градоначалник на реон Панчарево, Хелмут Ланг, извршен директор на Линднер Груп и Тим Курт, претседател на ГБИТК, како и високи менаџерски кадри на германски компании во Бугарија.
Министерот за иновации и економски раст го награди со сертификат за Инвестиција Класа А проектот „Кампус Лозен парк“, фокусиран на развојот на иновативна образовна инфраструктура, вклучително и изградба на училиште и детска градинка. Изградбата на паркот ќе се остварува во долгорочно партнерство со Меѓународното училиште Увекинд (Uwekind International School).
Почетната инвестиција на Линднер во овој проект ќе биде во висина на 15 милиони лева, при што главната цел на проектот е да понуди можности за едукација и неформално учење поврзани со културата, уметноста, јазиците и спортот. Се планира „Кампус Лозен Парк“да започне со своите активности во есента на 2025 година.
Освен овој проект, Линднер ќе инвестира и во високотехнолошки парк познат како „Лозен Тех Парк“. Во моментов проектот се наоѓа во прва фаза на развој и вклучува предвидена инвестиција од околу 20 милиони лева. Основната цел на инвеститорите е да управуваат и развиваат научно-технолошки парк, создавајќи соодветна средина за економски, истражувачки и развојни активности. Проектот е веќе во процес на сертификација.
Со вкупните инвестиции во „ Резиденшал Парк Лозен“, вкупниот износ на инвестициите на Линднер во овој реон ќе достигне 300 милиони лева, што ја прави компанијата еден од најголемите германски инвеститори во Бугарија. Нејзините досегашни проекти во земјава вклучуваат „Резиденшал Парк Лозен“, „Резиденшал Парк Софија“ и „Бизнис парк Софија“.
Извор на фотографии: Линднер