In Albanian In Bulgarian In English In Romanian In Serbian
Романската државна компанија за нуклеарна енергија Nuclearelectrica потпиша меморандум за разбирање со локални и меѓународни партнери за проект за инсталирање на мали модуларни реактори (SMR) во Романија и во целиот регион, дозна BalkanEngineer.com од Balkangreenenergynews.com.
Зделката предвидува лоцирањето на VOYGR SMR - инсталации на NuScale во поранешната електрана на јаглен во Доичешти во Романија и на други места во Централна и Источна Европа. Технологијата VOYGR беше развиена од компанијата NuScale Power со седиште во САД, еден од партнерите што го потпишаа меморандумот.
Другите потписници на спогодбата се романските компании E-Infra и Nova Power and Gas, Fluor Enterprises од САД, како и Samsung C&T Corp. од Јужна Кореја.
САД планираат да помогнат во финансирањето со до 275 милиони американски долари за малиот модуларен реактор што NuScale има намера да го инсталира во Романија, се вели во изјавата објавена за време на неодамнешната средба на врвот на лидерите на Г7 во Хирошима, Јапонија. SMR сè уште е новопојавена технологија, која најчесто се применува во пилот проекти, но неодамнешниот напредок, во комбинација со влијанието на енергетската криза, ја зајакна политичката поддршка за оживувањето на нуклеарната енергија во Европа.
По потпишувањето на меморандумот во Букурешт, извршниот директор на Nuclearelectrica, Космин Гита, го опиша проектот како „напор без преседан за меѓународна соработка целосно посветен на задоволување на потребите од енергија и декарбонизација“. Според него, со тоа ќе се гарантира енергетска безбедност, локален и регионален развој, преуредување на поранешните капацитети на јаглен и бројни економски и социјални придобивки. „Кога ќе биде завршена, централата во Доичешти ќе може да произведува до 462 MW. Со овој проект, Романија ќе стане лидер во напредокот на исклучиво важните цели на Европа за енергетска безбедност и декарбонизација“, рече Џим Бројер, раководител на енергетски решенија во NuScale Power.
Извор на фотографии: nuclearelectrica.ro